ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ПРОТИВ ТОРТУРА И ВОСТАНОВУВАЊЕ НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ

30.11.2009, Скопје

„Отвореноста и соработката постигната помеѓу Народниот правобранител и установите каде слободата на движење е ограничена треба да продолжи и да се продлабочи заради јакнење и унапредување на улогата на националниот превентивен механизам. Оттаму во наредниот период треба да се работи на градење на свеста за значењето на оваа улога на Народниот правобранител прво кај засегнатите органи, а потоа и кај граѓаните“.

Ова се дел од заклучоците и препораките усвоени на завршната конференција за имплментација на Факултативниот протокол кон Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и востановување национален превентивен механизам што на 30 ноември во организација на Народниот правобранител и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржа во Скопје. На Конференцијата учествуваше претседателот на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа г. Мауро Палма, како и преставници на Поткомитетот на ООН за превенција на тортура г. Зденек Хајек и г-ѓа Марија Дефинис-Гојановиќ. Конференцијата беше дел од проектот за промоција на Народниот правобранител како национален превентивен маханизам против тортура во рамките на кој беа одржани и три тематски работилници.

„Со ратификацијата на Факултативниот протокол Народниот правобранител како институција ја доби надлежноста на национален превентивен механизам кој ќе биде одговорен за превентивните посети на местата каде се сместени лицата лишени од слобода. Македонија работи во насока на подобрување на правата на овие лица и тоа е нотирано во Извештајот на Европската комисија.“ - рече на отворањето на Конференцијата Претседателот на Република Македонија г. Ѓорге Иванов.

Според шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Хозе Луис Хереро новата улога на Народниот правобранител носи и голема одговорност. „Многу е важно сите фактори во државата да бидат свесни дека тортурата не смее веќе да се случува.“ - истакна г. Хереро.

Народниот правобранител г. Иџет Mемети во излагањето рече дека во Република Македонија полека, но сигурно се создаваат нови можности за институцијата Народен правобранител, кој во иднина во соработка со невладинот сектор ќе ја игра превентивната улога против тортурата. „Она што исто така сакам да го истакнам е дека во наредниот период освен што ќе се обучува нашиот кадар, ќе преземаме активности и за едукација на кадарот вработен во установите што преставуваат сегмент од мандатот на националниот превентивен механизам.“ – рече г. Мемети.

Претседателот на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа г. Мауро Палма во своето излагање рече дека пренатрупаноста и неказнувањето на оние кои вршеле тортура останува главен проблем. „Тортурата не може целосно да се искорени, но давањето јасна порака до службениците дека секоја злоупотреба од нивна страна ќе биде строго санкционирана ќе придонесе за намалување на оваа појава.“ - истакна г. Палма