ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ИЗЛАГАЊЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СОСТОЈБИТЕ НА ЗАТВОРИТЕ

04.02.2010, Скопје

„Состојбите во одредени делови од Затворот се на такво ниво што не може да се замисли дека некој може во такви услови да престојува, а притоа да не биде загрозено неговото здравје. Кога говорам за условите најнапред мислам на сместувачките капацитети, просторните услови, хигиената, храната, медицинската заштита. Од овие причини препорачувам преземање сериозни активности за овозможување хуман и достоинствен престој за осудениците во Затворот „Идризово“. Истовремено апелирам да се затвори Полуотвореното одделение во Затворот, а осудените лица од тој дел да се дислоцираат во друг.“

Ова меѓу другото го рече во своето излагање народниот правобранител г. Иџет Мемети на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот г. Ерван Фуере на која се зборуваше за состојбата во Казнено-поправната установа „Идризово“ по направената посета.

Евроамбасадорот Ерван Фуере согласувајќи се целосно со констатациите на народниот правобранител истакна дека некои делови од Затворот кои ги посетиле биле далеку од стандардите, а условите во нив понижувачки и деградирачки.

„Условите во дел од Затворот се полоши од оние во затворите во Јужна Африка пред времето на Нелсон Мандела.“ - рече Фуере. Истовремено тој истакна дека Владата треба да се поттикне да вложи дополнителни напори за подобрување на состојбите во овој затвор.