ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ПРОТИВ ТОРТУРА ВО МАКЕДОНИЈА

25.09.2009, Хотелот „Холидеј Ин“, Скопје

Концепотот на превенција, имплементацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата на Обединетите нации против тортура во Македонија, како и приказ на чешкиот модел на функционирање на Омбудсманот како национален механизам за превенција на тортура беа само дел од темите на еднодневната конференција која во организација на Народниот правобранител и Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржа на 25 септември во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.

На Конференцијата учествуваа: г. Зденек Хаек, преставник на Поткомитетот на ОН за превенција на тортура, г-ѓа Ренате Кикер од Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа, како и г-ѓа Одри Оливер од Асоцијацијата за превенција на тортура. За чешкиот модел зборуваше г. Филип Глоцман шеф на Канцеларијата на чешкиот омбудсман и директор на Одделението за превенција на тортура.

Народниот правобранител г. Иџет Мемети во своето излагање се осврна на процесот на востановување национален превентивен механизам во Република Македонија и досегашната работа во оваа област, како и на релациите со другите надлежни органи.

„За институцијата Народен правобранител во Република Македонија дејствувањето на превентивен план во установите од затворен тип не претставува новина. Ова бидејќи уште со донесување на новиот Закон за народниот правобранител во 2003 година на омбудсманот му се даде широк простор во следењето на состојбите со почитувањето, остварувањето и заштитата на правата на лицата лишени од слобода.“- рече г. Мемети.

Според него, измените на Законот ќе ја унапредат работата на Институцијата на планот на превенцијата на тортура со оглед дека измените вклучуваат и финансиска независност.

„Институционалната независност, претходното искуство и овластувањата беа причините по ратификувањето на ОПКАТ-от институцијата Омбудсман да ја добие улогата на национален превентивен механизам.“ - истакна г.Филип Глоцман, преставник од чешката Омбудсман канцеларија, кој зборуваше и како конкретно се прават посетите на установите во кои е ограничена слободата на движење.

Според г-ѓа Оливер кога се зборува за тортурата многу е битно да се дефинира превентиниот пристап кај кој, пак, најважно е набљудувањето на сите места каде слободата на движење е ограничена.

„Многу се корисни ненајавените посети од страна на независните механизми за превенција кои ќе добијат одговори на сите релевантни прашања зошто едно лице е лишено од слобода. Исто така, за превенцијата битни се и извештаите кои произлегуваат од овие посети.“ – рече г-ѓа Оливер.