ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ Г. ИЏЕТ МЕМЕТИ И ЕВРОАМБАСАДОРОТ Г. ЕРВАН ФУЕРЕ ВО ПОСЕТА НА КПУ “ИДРИЗОВО”

07.03.2007, Скопје

Народниот правобранител г. Иџет Мемети и специјалниот претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија во Македонија г. Ерван Фуере ја посетија Казнено-поправната установа “Идризово” како дел од континуираната соработка меѓу Народниот праворбанител и мисијата на ЕУ во Македонија.

Целта на посетата беше запознавање со условите во кои казната затвор ја издржуваат осудените лица во земјата, со цел да се  предложат соодветни решенија за подобривање на условите во КПУ.

“Воопшто не сум изненаден од она што го видов затоа што во извештаите што ние како институција ги подготвуваме, веќе констатиравме дека во македонските затвори постојат нехумани услови за престој” изјави по посетата Народниот правобранител г. Мемети.

Тој потенцираше дека во наредниот период треба итно да се дејствува во насока на подобрување на условите во секаков аспект.” Треба да се доекипира кадарот, особено стручниот, да се подобри хигиената и да се обезбеди соодветна здравствена заштита на затворените лица” рече Мемети.

Според евроамбасадорот г. Фуере најголем проблем во Македонија е пренатрупаноста на затворите.

“Европската унија е заинтересирана да помогне за обнова на овие установи, па затоа одвои 3 милиони евра. Проблемот со лошите затворски услови го конастатираше Советот на Европа, но и канцеларијата на народниот правобранител. Владата мора да изнајде решение за овој проблем” изјави г.Фуере по посетата на КПУ “Идризово”.