ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ОМБУДСМАНИТЕ ОД РЕГИОНОТ НА СРЕДБА ВО ОХРИД ОД 14 ДО 17 СЕПТЕМВРИ

14.09.2006, Скопје

Од 14 до 17 септември во Охрид Омбудсманите од Југоисточна Европа разговараа за проблемите со кои се соочуваат овие институции. Главни теми беа работата на администрацијата, интегрирањето на европската регулатива во домашното законодавство, како и нормите со кои им се овозможува слободен пристап до документите од јавен карактер.

Семинарот во Охрид кој беше во организација на проектот Еуномија спроведен од канцеларијата на омбудсманот на Република Грција, а во соработка со Омбудсманот на Каталонија и на Република Македонија беше добра можност за размена на искуства од регионот за проблемите на овие институции, но и за работењето на канцеларијата на омбудсманот на Република Австрија и на Европскиот омбудсман, со цел земјите од регинот поблиску да се запознаат со работата на омбудсманите во земјите членки на Европската унија.

Дводневниот семинар покажа дека земјите од региoнот, односно: Република Македонија, Република Бугарија, Република Словенија, Босна и Херцеговина, потоа Косово, покраината Војводина, Црна Гора, Република Албанија, Република  Грција и Република Српска всушност се соочуваат со исти проблеми. Посебен акцент беше ставен на бавната администрација, нереформираната управа, честото менување на законските прописи, нивната непрецизност, понекогаш и недореченост, како и лошиот пристап до информациите од јавен карактер.

Според преставникот на Обудсманот на Република Австрија г. Михаел Мауер законска рамка според која работи оваа институција е Уставот на Република Австрија, администрацијата во таа земја работи според принципот на владеење на правото, а канцеларијата на омбудсманот се грижи за имплементација на Кодексот за добро административно однесување донесен од страна на Европскиот омбудсман, но и за имплементација на законите на Европската унија.

Европскиот кодекс за добро административно однесување го престави Герхард Грил висок супервизор на Европскиот омбудсман. Според него Кодексот треба да преставува еден вид устав за административците во земјите на Европската унија, па и надвор од неа од едноставна причина што ги дава постулатите за добро административно работење што потоа има одраз и во работата на омбудсманите.

Заменикот на народниот правобранител на Република Македонија г. Драги Целевски истакна дека принципот на добро административно однесување е во директна корелација со функционирањето на народниот правобранител.

“Успешноста, развојот и изградувањето на оваа институција зависи од степенот и развојот на општествено-економските односи и особено од развојот на демократските процеси и односите во државата. Имајќи ги предвид резултатите од досегашното функционирање на Народниот правобранител на Република Македонија од една страна и состојбите во државата од друга несоменена е констатацијата дека во Република Македонија се уште несоодветно се применуваат и во целост не се почитуваат правните прописи поради што доаѓа до повреда на човековите слободи и права од страна на органите на државната управа, локалната администрација и другите органи и организации кои вршат јавни овластувања” заклучи Целевски. 

ОМБУДСМАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА И НА
КАТАЛОНИЈА ЗА РАБОТАТА
_______________________________________________

Пред почетокот на Семинарот Омбудсманите на Република Македонија, Грција и на Каталонија г.Иџет Мемети, г.Јоргос Каминис и г.Рафаел Рибо се осврнаа на работата на институциите кои ги раководат.
“Омбудсманот како контролен механизам треба да биде промотор за поттикнување на реформите во јавната администрација. Бројот на поднесените преставки во Македонија, но и во околните земји се слични или на исто ниво, но речиси половината од граѓаните за проблемите со кои се соочуваат се обраќаат на погрешна адреса. Загрижува фактот што администрацијата, односно чиновниците кои треба да ги спроведуваат законите се уште не ги знат нивните надлежности” рече г. Иџет Мемети.
Според омбудсманот на Република Грција г.Јоргос Каминис бројот на поднесени преставки во неговата канцеларија над 10.000, што преставува факт дека администрацијата лошо ги применува законите.
“Во нашата работа голема помош има соработката со европските омбудсман институции. Годишно примаме и над 15.000 преставки што само по себе зборува за односот на државата кон граѓаните” рече г. Рафаел Рибо.

 Преставникот на Обмудсман институцијата на Холандија г. Ван Дорен зборуваше за искуствата во неговата земја во однос на пристапот до информациите од јавен карактер со посебен акцент на документите на тајната полиција. Тој истакна дека во Холандија омбудсманот има пристап до сите информации на тајната полиција, кои не смее да се умножуваат, ниту да се даваат на засегнатите странки. Посебна дискусија се водеше и за подобрување на начинот на чување на податоците кои имаат доверлив карактер, до кои доаѓа омбудсманот. Притоа, беше речено дека поради пробивање на информатичкиот систем многупати голем број податоци излегуваат во јавноста иако се од доверлив карактер.
За искуствата на омбудсманот на Република Македонија во поглед на пристапот до информациите од јавен карактер, и за класифицираните документите, а кои ги поседува Министерството за внатрешни работи зборуваше заменикот на народниот правобранител на Република Македонија г. Трипун Танушевски. ”Во досегашната практика на нашата институција не се укажа потреба за користење класифицирани информации, но недоразбирањата помеѓу Народниот правобранител и Министерството за внатрешни работи се јавија во последните две годни кога беа одбиени нашите барања да ни се достават службени белешки за извршени разговори со осомничени, сведоци, записници за поука на правото на бранител. За жал овој проблем се уште не е надминат, иако се очекува новиот закон за полиција кој е во собраниска процедура да ги разреши сите дилеми” заклучи Танушевски.

“Порописите во Република Словенија овозможуваат омбудсманот да има пристап до сите информации и документи на полицијата и ние немаме никаков проблем. Напротив имаме одлична соработка со полицијата” истакна омбудсманот на Република Словенија г. Матјаж Ханжек
Посебна тема на семинарот беше пензискиот систем и проблемите во врска со уплаќањето на придонесите на вработените. Заменикот на народниот правобранител на Република Македонија г-ѓа Невенка Крушаровска истакна дека пензискиот систем во Македонија претпре одредени реформи.

“Поради честите промени на условите за остварување старосна пензија и за определување на нејзината висина граѓаните се чувствуваат обесправени, односно нееднакво третирани. Оттука во годишните извештаи кои ги доставуваме до Собранието постојано укажуваме дека треба да се изнајдат законски решенија за создавање правна сигурност кај граѓаните” рече Крушаровска.

Македонскиот омбудсман г. Иџет Мемети говореше за “Омбудсманот како медијатор во административните процедури во демократиите во транзиција”

“Народниот правобранител е како вага која секогаш помага правилно да се измерат работите. Тоа значи дека правдата, законитоста и заштитата на она што е напишано во Уставот, законите и прописите треба подеднакво да ги почитуваат и државата и граѓаните. Во спротивно секогаш ќе треба помош или медијатор работите правилно да се измерат” истакна Мемети.