ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

СЕМИНАР НА ТЕМА “ИСКУСТВАТА НА ОМБУДСМАНОТ ВО ПОСТАПУВАЊЕТО СО ЛИЦАТА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА И ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ЖЕНАТА - ПРЕДИЗВИЦИ И ПОТЕШКОТИИ”

13.11.2007, хотел „Холидеј Ин“, Скопје

Во организација на канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Кралството Шпанија на 13 ноември во Скопје се одржа семинар на тема: “Искуствата на Омбудсманот во постапување на лицата лишени од слобода и заштита на правата на жената-предизвици и потешкотии”. Семинарот се одржа по повод посетата на г. Фернандо Гарсија Висенте, омбудсман на Арагон, Шпанија.

“Ако на почетокот на функционирањето на институцијата граѓаните најчесто се обраќаа за работи кои не спаѓаат во нашата надлежност, а органите и организациите над кои сме надлежни немаа слух и недоволно ја разбираа улогата на Омбудсманот и тешко ги прифаќаа нашите препораки морам да истакнам дека годишните извештаи од година во година покажуваат тенденција на поголемо прифаќање на нашите интервенции.” Ова меѓу другото го истакна македонскиот омбудсман г. Иџет Мемети во своето излагање насловено како “Народниот правобранител на Република Македонија и постапувањето во сферата на полициското работење и следењето на состојбите во казнено-поправните установи”.

Искуствата на Омбудсманот на Арагон во работата со полицијата и казнено-поправните установи ги пренесе г. Фернандо Гарсија Висенте, омбудсман на Арагон, а раководителот на Секторот за внатрешна контрола и професионални станадарди во Министерството за внатрешни работи г. Воислав Зафировски зборуваше за соработката на полицијата со Народниот правобранител во решавањето на случаите на злоупотреба на полициските овластувања. Заменикот - директор на Затворот “Идризово” г. Митасин Бекири измаше излагање на тема: “Соработката на казнено-поправните установи со Народниот правобранител”.

“Појдовна основа во соработката со народниот правобранител е заштитата на човековите слободи и права. Во таа насока Министерството за внатрешни работи цели кон почитување на законските рокови за постапување по обраќањата на народниот правобранител, потоа кон заеднички обуки и работни средби со цел подобрување на нивото на соработката” - рече Зафировски во неговото излагање.

Вториот дел од семинарот беше посветен на темата: “Заштита на правата на жената”. На оваа тема дискутираше заменикот - народен правобранител г-ѓа Невенка Крушаровска, а потоа г-ѓа Мирдита Салиу, раководител на Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика која се осврна на имплементацијата на Законот за еднакви можности.