ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

„МЕХАНИЗМИ ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“

08.02.2012, Скопје

„Механизмите за заштита од дискриминација во Република Македонија“ беше тема на Тркалезната маса која се одржа во ЕУ Инфо Центарот во Скопје во рамките на Твининг проектот за поддршка на македонскиот омбудсман, финансиран од претпристапните фондови на Европската Унија (ИПА), во кој партнери се: шпанскиот Национален омбудсман и Заштитникот на правата на Франција.

„Од особена важност е фактот што ќе дискутираме за основите на дискриминацијата на кои најчесто се жалат граѓаните, но и за причините поради кои граѓаните не ги препознаваат сите форми на дискриминација присутни во нашето општество, поради што многу често не се свесни ниту за фактот дека биле дискриминирани.“- истака меѓу другото во поздравниот говор народниот правобранител г. Иџет Мемети.

 Според заменикот-народен правобранител м-р Драги Целевски дискриминацијата е присутна во сите сфери на општеството, а особено по основ на етничката припадност и политичкото уверување.

 „Поради ова, покрај доследното преземање дејствија за откривање и санкционирање на дискриминацијата, потребно е и преземање превентивни активности. Во овој контекст особено е значајно спроведување информативно-едукативни кампањи за јакнење на свеста во насока за доследно остварување на начелото на еднаквост на сите граѓани.“ - рече г. Целевски.

Искуствата од работата на полето на заштитата од дискриминација на Заштитникот на правата на Франција ги пренесе г-ѓа Нефели Јатропулос,  претставник на таа институција. Таа, меѓу другото, информира дека една од целите во работата на оваа институција е постојано развивање нови алатки за комуникација и обука на граѓаните за развивање на нивната свест и запознавање со нивните права за да можат да се обратат за помош секогаш кога ќе бидат дискриминирани.

Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација г. Душко Миновски изјави дека Комисијата примила вкупно 61 претставка и дека претставките најчесто се однесуваат на работните односи. Според него, во сите случаи за кои Комисијата дала препораки, органите постапиле, освен за еден случај за кој се уште се води постапка.

На Тркалезната маса учестуваа и претставници од невладиниот сектор.